Откажани летовите меѓу Виена и Скопје поради штрајк на екипажот на „Аустриан ерлајнс“

Поради штрајк на екипажите на авиокомпанијата „Аустриан ерлајнс“ за платите што почна денеска, откажани се вкупно 40 летови, вклучително и трите лета од Виена кон Скопје. На веб страницата на скопскиот меѓународен аеродром ги нема летовите кон и од Виена за денеска и утре.

Штрајкот е дводневен и во овој период „Аустриан“ требаше да реализира 24 летови од Виена до градовите во рамките на поранешна Југославија, вклучувајќи шест лета до Белград, четири до Сараево и Загреб, три до Приштина и Скопје, два до Подгорица и по еден до Дубровник и Сплит.

Аеродромот во Виена преку службената интернет страница соопшти дека поради најавениот штрајк, прекини на летовите на „Аустриан ерлајнс“ ќе има од четврток, 28 март 2024, 00:00 часот до петок, 29 март 2024, 12:00 часот.

– Препорачуваме сите патници да го проверат статусот на нивниот лет со авиокомпанијата – соопштија од авиокомпанијата.

Од синдикатот на вработените во „Аустриан Ерлајнс“ информираа дека по 17 рунди на преговори со Бордот на директори на авиокомпанијата кои не завршиле со договор, се одлучиле на штрајк, но тоа да биде само дводневен и со откажани само 400 летови со што ќе бидат погодени околу 50 илјади патници.

– Од Бордот на директори се уште не сакаат да говорат за нашата понуда платата на стјуардесите и на пилотите да се зголеми за 18 проценти и до 28 насто за копилотите. Од минатата недела немаме никакви дискусии со директорите, така што падна одлука за штрајк – велат од синдикатот.

Од авиокомпанијата потсетуваат дека за патниците кои имаат откажани летови, истите ќе бидат резервирани за следниот можен лет, односно патникот може и да се откаже и парите ќе му бидат вратени.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ