Отворен пункт за донирање во центарот на Прилеп, градот ќе одвои околу 500.000 денари за Турција и Сирија

Од денеска секој ден од 10 до 16 часот е отворен пунктот во центарот на Прилеп, на камената бина на плоштадот „Александрија“ за донирање за настраданите од земјотресот во Турција и во Сирија. Прилепчани веднаш се одзваа и почнаа да донираат облека, обувки, постелнина, храна.

Прилепчанецот Јосе Миланоски вели дека сочувствуваме со огромната болка на настраданите. Таа не се лекува, ама подадената рака може да го загрее напатеното срце.

-Имаме многу гардероба, постелнина. Дојдов да донирам. Ќе им се најдат на луѓето да се затоплат. Барем топло да им биде. Со помин да е. Не знам. Ова е катаклизма. Жалосно. Мојата сопруга гледа вести и постојано плаче. Сите сочувствуваме. Дај боже, што повеќе живи да има. Зградите повторно ќе се направат, ама луѓето што заминаа… Страшно. Што повеќе луѓе да спасат. Гледаме деца, па ете и бебето што се роди, повторно е живот. Срцето се кине, вели Јосе Миланоски.

Перо Златески рече дека мора да се помогне, кој колку што може да донира.

-Дојдовме да помогнеме, да донираме. Многу тешка ситуација. Многу тешко го доживуваме ова, многу е жално, вели Фанче Димеска.

Прилепскиот градоначаланик Борче Јовчески, кој токму за време на земјотресот ги зацврстуваше односите со збратимената општина Бајрампаша во Истанбул уште при посетата ја најави сета можна помош за настраданите подрачја. Општината ќе донира и околу 500 000 денари.

-Пунктот ќе биде отворен и наредните денови сѐ додека има донации. Сето ќе се складира од јавните претпријатија и со првата можност ќе се транспортира во настраданите подрачја. Се мобилизира и бизнис-секторот, а ние веќе имаме подготвено екипа од четворица опремени пожарникари со возило и чекаме упатство од Дирекцијата за спасување. Се трудиме на кој било начин да упатиме помош, рече Јовчески. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *