Палестинците ја прекинуваат безбедносната соработка со Израел

По израелскиот воен напад во окупираниот Западен Брег во кој беа убиени девет Палестинци, палестинските власти денеска соопштија дека ќе ја прекинат безбедносната соработка со Израел

Двете страни одржуваа безбедносни врски во заеднички напор да се спротивстават на исламските екстремисти, а прекинот на таквите врски поттикна стравувања дека нападите на екстремистичките организации можеби нема да можат да се спречат.

Палестинската управа и претходно се обиде да ги прекине врските во знак на протест, но со мал успех, бидејќи палестинското раководство има корист од таквите врски и е под притисок од САД и Израел да ги одржи.

Портпаролот на палестинската управа, Набил Абу Рудејне, на прес конференција во Рамала, ја соопшти одлуката за прекин на врските откако се случи најсмртоносната израелска воена операција на Западниот Брег во последните две децении.

Девет Палестинци, вклучително и една постара жена, се убиени за време на рација во Џенин, на окупираниот Западен Брег, а уште едно палестинско момче е убиено во одделен инцидент.

Таквата ескалација на насилството ја зголемува опасноста од голем конфликт меѓу двете нации и претставува тест за новата десничарска израелска Влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Американските медиуми, пак, наведуваат дека последниот инцидент фрла сенка врз претстојната посета на регионот на шефот на американската дипломатија, државниот секретар Ентони Блинкен, што треба да се случи веќе следната недела.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *