Почина еден од повредените во инцидентите во Њујорк

Едно лице загина, две се во критична состојба, а други осум се повредени кога маж, кој возел пик-ап, неколку пати удрил во пешаци на различни места во Њујорк, соопшти локалната полиција.

Инцидентите се случиле во Бруклин. Возачот на изнајменото возило одбил да застане откако удрил неколку лица. Следела бркотница со полицијата, при што возачот удрил во уште неколку луѓе. Потоа бил приведен.

Од повредените тројца биле на велосипед, а двајца со електрични скутери, кои се главно превозно средство на продавачите на храна во градот.

Полицијата засега не соопштува ништо за идентитетот на извршителот на нападите, додека локалните медиуми јавија дека возачот има околу 60 години и е со азиско потекло. Тој им бил познат на органите за спроведување на законот, судските и здравствените власти во државата Невада.

Полицијата засега исклучи можност дека се работи за терористички напад.

Инцидентот се случи во моментот кога во Њујорк почна процесот против Узбекистанец кој на 31 октомври 2017 година намерно удри со својот пикап во пешаци, при што уби осум лица. Тој може да добие смртна казна. Истрагата потврдила дека тој дејствувал во име на терористичката Исламска држава.  (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *