Националниот стратешки план за екстровертност и економска дипломатија на Министерството за надворешни работи на Грција за 2023 година презентиран денеска, предвидува вкупно 779 активности во 46 земји во целиот свет, од кои 87 активности се однесуваат на Западен Балкан, а 25 на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Стратешкиот план го презентираа заменик-министерот за надворешни работи задолжен за економска дипломатија и екстровертност Костас Франкојанис и генералната секретарка во грчкото МНР и претседателка на „Enterprise Greece“ Вики Лоизу, а презентацијата се обрати и шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас.

Лоизу истакна дека третиот Национален стратешки план е базиран на триптихот континуитет, доследност и синергија и објасни дека од 779 планирани активности, 355 се однесуваат на зајакнување на извозот, а останатите се за зајакнување на билатералните и мултилатерални односи, за развојна соработка, привлекување инвестиции, технички проекти и животна средина, енергетика, транспорт и туризам.

Во однос на географската поделба, една третина или 252 од планираните активности се во Европа, од кои 87 на Балканот.

– Западен Балкан е регион од особен економски, трговски, инвестициски и генерално геополитички интерес за нашата земја. Грција е столб на стабилност, безбедност, просперитет и напредок за поширокиот регион и може да биде светилник за развојот и европската перспектива на земјите од Западен Балкан, рече Лоизу.

Од активностите во регионот, најголем број или 21 се планирани со Северна Македонија, 21 со Србија, 19 се со Албанија, 12 со Косово, осум со Босна и Херцеговина и две со Црна Гора.

Заменик-министерот за надворешни работи на Грција Костас Франкојанис ги презентираше резултатите од изминатите години, споменувајќи дека во последните четири години биле реактивирани осум заеднички министерски комисии, биле потпишани 47 билатерални економски и трговски договори и 91 меморандум за разбирање.

– Нема да претераме ако кажеме дека со извозот што надмина 100 милијарди евра во 2022 година и директните странски инвестиции во износ од 7,22 милијарди евра, растот и издржливоста на грчката економија се должи, меѓу другото и на екстровертноста и инвестициите, односно на целите на економската дипломатија, истакна Франкојанис.

На денешната презентација се обрати и министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, кој рече дека планот има јасни цели – промовирање на економските и трговските интереси на земјата, промоција на грчките производи, зајакнување на извозот и привлекување директни странски инвестиции.

Бројот на планирани активности оваа година е значително поголем од изминатите години.

Во 2021 година беа планирани 458 активности во 38 земји, а лани 670 во 47 земји.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *