Руски воен извидувачки авион А-50 е оштетен вчера во напад со дронови на аеродром во близина на белорускиот главен град Минск, потврдија членовите на белоруската опозиција во егзил, а лидерката на опозицијата Свјетлана Тихановска изјави дека е горда на нив.
„Горда сум на сите Белоруси кои продолжуваат да се спротивставуваат на руската хибридна окупација на Белорусија и се борат за слободата на Украина“, напиша Тихановска.
-Тоа беа беспилотни летала. Учесниците во операцијата се Белоруси, рече Александар Азаров, шеф на белоруската антивладина организација Бипол (BYPOL), цитиран на каналот Телеграм на оваа организација и на полскиот информативен канал Белсат. „Тие се сега безбедни, надвор од земјата“, додаде тој.
Белсат е полски радиодифузер фокусиран на вести од Белорусија кои Минск ги смета за екстремистички. Бипол, што вклучува поранешни службеници за спроведување на законот кои ги поддржуваат опозициските политичари, е прогласена за терористичка организација. Франак Вијачорка, советник на лидерката на белоруската опозиција Свјетлана Тихановска, на Твитер напиша дека е тоа најуспешниот чин на саботажа од почетокот на 2022 година.
Ројтерс, меѓутоа, засега не може самостојно да ги потврди извештаите, а министерствата за одбрана на Русија и на Белорусија се уште не излегоа со одговор на барањето за коментар од британската агенција.
Предните и централните делови на леталото, како и радарската антена се оштетени како резултат на две експлозии во нападот на воздухопловната база во близина на Минск, јави Бипол.
Рускиот авион „Бериев А-50“ е наменет за воздушно рано предупредување, со воздушни командни и контролни способности и можност за следење до 60 цели истовремено.
Од почетокот на руската инвазија на Украина пред една година, имаше неколку чинови на саботажа во Белорусија и во руските региони кои граничат со Украина, особено на железничкиот систем.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко не учествува директно во војната на Русија против Украина, но им дозволи пристап на руските сили за користење на територијата на почетокот на инвазијата пред една година.
Русија и Белорусија формираа заедничка воена единица во Белорусија и одржаа бројни вежби. Голем број руски воени авиони и авиони за рано предупредување и контрола се распоредени во Белорусија. (МИА)