Сѐ е подготвено: Започнува 64-то издание на фестивалот „Охридско лето“

Џулијан Рахлин, еден од водечките светски виолинисти на денешницата заедно со  Македонската филхармонија вечерва од 21 часот на Античкиот театар свечено ќе го отвори 64. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Рахлин е музички раководител на Симфонискиот оркестар на Ерусалим, шеф диригент на симфонискиот оркестар во Кристиансанд и прв гостин диригент на филхармонискиот оркестар во Турку. Повеќе од три децении, неговата кариера го носи на сите светски меридијани како диригент, солист, камерен музичар, педагог и уметнички раководител. Снимките кои критиката ги оценува како исклучителни ги издаваат на носачи на звук престижните издавачки куќи Дојче Грамофон, Сони Класикал и Ворнер Класикс. Џулијан Рахлин е баран диригент низ целиот свет.

Македонската филхармонија која вечерва ќе настапи заедно со Рахлин, годинава одбележува осумдесет години од постоењето под мотото – 80 години ЉУБОВ!  Ова е првиот и единствен симфониски оркестар во Република Македонија, а со тоа и единствен постојан репрезент на симфониското творештво на македонската музичка сцена.

Уметничката  програма на фестивалот „Охридско лето“  годинава на охридските сцени  ќе донесе 36 неповторливи доживувања од кои најголемиот дел од областа на класичната музика, шест театарски креации, и по една изложба и промоција на книга.  Сцените Антички театар, Долни Сарај, црквата „Света Софија“ и предворјето на црквата  се подготвени за бројната публика.

Најреномираната манифестација со интернационален предзнак, дел од Европската асоцијација на фестивали во текот на четириесетте фестивалски вечери ќе донесе совршен спој на музиката, театарот и воопшто на уметноста со настап на околу 800 уметници.

Како  предвесник на свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“, вчеравечер во црквата „Света Софија“ во соработка со Музичката Младина на Македонија се одржа Подиумот на млади уметници на кој младите и надежни уметници, виолинистката Памела Велкова и пијанистите Ивана Мазнејкова, Ана Мазнејкова и Доминика Робе изведоа дела од Бах, Бетовен,Шопен, Давиташвили, Прокофјев и  Изаи.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ