Шолц: Потребно е што е можно побрзо да се снабди Украина со муниција

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска, обраќајќи се пред Бундестагот, истакна дека гарантира натамошна воена помош за Украина, како од Германија, така и од европските земји.

-Германија, заедно со европските партнери, ќе се погрижи Украина да продолжи да се снабдува со оружје и опрема за да истрае во одбраната, рече германскиот канцелар за време на поднесувањето на извештајот за работата на коалициската влада до Бундестагот, во пресрет на состанокот на самитот на Советот на Европската Унија следната недела во Брисел.

Тој рече дека сега е многу важно Украина да се снабди со муниција што е можно побрзо.

-На состанокот на Советот на Европската Унија следната недела ќе усвоиме мерки со нашите европски партнери за да постигнеме подобро и пред се континуирано снабдување, рече Шолц, истакнувајќи дека Германија веќе обезбедува значителна воена помош за Украина, која се брани од руската агресија.

Шолц ги повика граѓаните на Германија да гледаат кон иднината со доверба и покрај драстичните промени што се случија по рускиот напад на Украина.

-Точно е дека самодовербата и оптимизмот не можат да се наметнат со декрет, но тие се плод на реализираните напори, рече Шолц и укажа на фактот дека во меѓувреме, за само осум месеци, Германија стана независна од рускиот гас и масло.

-Немаше ниту економски пад, ниту затворање на индустриските постројки, како што некои предвидуваа, потенцираше Шолц. – Ова покажува дека, кога е потребно, можеме многу брзо да ја извршиме трансформацијата, заклучи канцеларот Шолц. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *