Со чартер-лет на „ТУИ“ во Охрид пристигна првата група туристи од Холандија

Со чартер-лет на холандскиот тур-оператор „ТУИ“ на охридскиот аеродром денеска пристигна првата група туристи од Холандија. Преку холандската филијала на „ТУИ“ оваа летна сезона на Охридската ривиера се очекува да летуваат околу 15 илјади туристи од регионот на Бенелукс, што во Охрид ќе доаѓаат со пет до шест чартер-лета седмично.

На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ покрај оние од Холандија засега се најавени чартер-летови со гости од Велика Британија и тоа двапати седмично, како и неколку летови што че ги реализираат полски тур-оператори. Гости ќе доаѓаат и преку директната авионска врска што од јуни ќе се воспостави со аеродромот во Белград.

Извршениот директор на „ТУИ“, Аријан Керш, во оваа прилика истакна дека Македониа од времето била и се уште е интересна дестинација за туристите од Холандија, со туристички патувања реализирани дури и во времето на Ковид-19.

Задоволни сме што сме тука повторно и што интересот на Холанѓаните е навистина голем, за што потврда е целосно исполнетиот прв лет. Се надевма ова лето да ги надминеме бројките од 2019 година која беше најдобрата што сме ја имале, така што уште еднаш, се надеваме дека ќе имаме задоволни туристи, рече Керш.

Кога станува збор за македонската туристичка понуда, тој посочи дека тоа е специфична дестинација, мошне интересна сама по себе.

Она на што треба е заеднички да работиме на подобрување на квалитетот на услугите, а тоа ќе биде и тема на разговори што ќе ги имаме со менаџерите на хотелите каде се сместени нашите гости, истакна Керш.

Во тој контекст и изјавата на Васко Коциров, директорот на партнерска агенција на „ТУИ“, кој посочи на слабостите во македонската туристичка понуда.

Можеби немам најдобар квалитет, сместувањето ни е можеби најслабата алка. Во Македонија немој да барате хотел со пет ѕвездички, но затоа ќе добиете активности од највисок квалитет. И нашите партнери се свесни, но треба да стремиме кон тоа, да работиме заеднички за унапредување на услугите, рече Коциров.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, рече дека споредбено со 2019 година во првиот квартал оваа година се остварени 22 проценти повеќе ноќевања на туристи од Холандија.

Неколку пазари се истакнуваат, тоа се туристите од Турција, Португалија, Србија, Босна и Херцеговина, Холандија, Романија, каде имаме подобри резултати споредбено со 2019 година. Нашата цел за 2023 година е до 3,3 милиони ноќевања оваа година и повеќе од половина милијарда долари промет во туристичката индустрија, рече Јаневски.

извор:OhridNews

ОСТАНАТИ ВЕСТИ