Со посебен протокол, работна група и засилени теренски акции Струга се обидува да го реши проблемот со питачењето. Загрижува тоа што се поголем број деца просат низ струшките улици. Од центарот за социјални работи велат, покрај казните, последниот чекор за несовесните родители, кои ги пуштаат децата да питачат е одземање на родителското право…
Струга се обидува да го реши проблемот со питачите. Загрижува тоа што се поголем број деца просат низ струшките улици. Центарот за социјални работи изготви посебен протокол и работна група со претставници од сите институции со цел да престане злоупотребата на малолетници.
Се прават засилени теренски акции, се работи на јакнење на одговорно родителство за децата да се вратат дома и во образовниот процес.
„Социјалниот проблем питачење во општина Струга од година во година се повеќе се продлабочува. Карактеристично е тоа што сите деца кои питачат се од други општини. Немаме ниту едно дете од општина Струга или општина Вевчани“, вели Мевмед Халили, директор на Центарот за социјални работи Струга.
Покрај казните, последниот чекор за несовесните родители, кои ги пуштаат децата да питачат по улиците е одземање на родителското право.
„Најдобриот механизам за згрижување на децата од улица е преку сместување во згрижувачки семејства и мал групен дом за деца во ризик преку дневно згрижување на деца од улица. Користење на инструментот на надзор на вршење на родителското право каде што спаѓа и мерката за одземање на родителско право“, додава Халили.
Проблемот со питачењето во Струга години наназад се провлекува низ институциите, поради немање простор за сместување на питачите, кои по многуте акции повторно се враќаат на улиците. Истражувањето на Здружението „Градиме иднина“ лани покажа дека 4.000 деца во земјата питачат под ведро небо, а 18.700 не се во училишните клупи.
Соња Рилковска