Пожарот кој брзо се шири, избувна синоќа во близина на периферијата на Солун, вториот по големина град во Грција, соопшти противпожарната служба, а жителите на три помали предградија мораа да бидат евакуирани. Пожарот избувнал во клисура во планинска област околу 20:30 часот синоќа и брзо се проширил во рамнината, горејќи главно грмушки, соопшти грчката противпожарна служба. Иако домовите биле спасени, пожарот уништи два индустриски погони и предизвика евакуација на три села и еден дом за нега, пренесуваат грчките медиуми. Според „Катимерини“, информациите од противпожарната служба говорат дека во текот на ноќта огнената стихија во општината Ореокастро, која е предградие на Солун, во голема мера е локализирана и повеќе нема активен фронт.
На жителите на селата Антополис, Филотеј и Галини им било кажано да се евакуираат преку СМС пораки. Евакуиран е и објект во кој се сместени 157 лица со пречки во развојот. Околу 120 од нив кои можат да одат се сместени во локалната гимназија, додека други се префрлени во психијатриска болница.
Властите соопштија дека 76-годишен маж е уапсен под сомнение дека го предизвикал пожарот. Според пожарникарите, тој изгледал како да бил пијан. Жителите на Солун можеле да видат пламен, па дури и да слушнат експлозии на запаливи материјали што горат во некои продавници. Густ облак од чад покрил неколку предградија и западни делови од градот.
Сепак, како што се наведува, вкупно 160 пожарникари, со 52 противпожарни возила, пет копнени екипи, два авиони и два хеликоптери за гаснење пожари и понатаму остануваат во Ореокастро. Пожарот, пишуваат грчките медиуми, сега е ограничен на пошумена област, каде што пожарникарите се фокусирани да спречат повторно разгорување на огнот во двете фабрики – едната за рециклирање и другата за текстил, кои се уништени во стихијата. Противпожарните екипи вршат континуирани операции за гаснење и ладење на жариштата околу локациите. Во извештаите за пожарот нема информации за настрадани лица.
Интервенциите од воздух се очекува да продолжат во текот на денот со цел да се намали густиот чад и да се ограничи потенцијално испуштање опасни супстанции во атмосферата кои можат да бидат штетни по здравјето.
Локалните власти велат дека густ црн чад продолжил да се издига од уништената фабрика за рециклирање.
Градоначалникот на солунската општина Неаполи-Сикис, Симос Даниилидис, изјавил дека локалните жители слушале континуирани експлозии од индустриските објекти во текот на ноќта. Тој ја повикал јавноста да ги следи официјалните упатства поради токсичниот облак од чад што се проширил низ поголемиот дел од пошироката област на Солун. Даниилидис, според „Катимерини“, рекол дека индустриската зона зона има мазива, нафтени производи, постројки за преработка на текстил и фабрика за рециклирање во која се складираат големи количини пластика.
Инаку, за време на гаснењето на стихијата биле повредени четворица пожарникари, од кои тројца се однесени во болница поради респираторни проблеми, додека друг е на лекување поради повреда на екстремитетите.