[ВИДЕО] Египет: Градат нов град за 35 милијарди долари

Египетските власти потпишале историски договор со претставници на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), кој ќе овозможи изградба на нов град за 35 милијарди долари.

Градот Рас ел-Хекма ќе се гради на северозападниот брег на државата и ќе биде нов масивен, урбан, деловен и туристички центар на Египет, пренесува „Klix.ba“.

„Проектот западно од Александрија ќе го имплементира компанија која е во сопственост на Владата на Абу Даби. Непосредните директни страни на инвестициите ќе му помогнат на Египет да ја надмине моменталната криза со валутата“, рекол премиерот на Египет, Мустафа Мадбули.

Исто така, нагласено е дека се очекува дека инвестициите на Емиратите во текот на реализацијата на проектот ќе достигнат најмалку 150 милијарди долари.

Како што истакнале службениците, проектот на новиот град ќе опфати станбени згради, престижни меѓународни хотели, туристички населби, простори за забава и услужни објекти, и централен деловен кварт кој ќе привлекува глобални компании.

„Проектот исто така вклучува големо пристаниште за туристички јахти и бродови. Очекуваме дека новиот град ќе привлече осум милиони туристи во Египет“, рекол Мадбули.

Емиратите и Египет преку овој договор ќе развијат и меѓународен аеродром, кој би требало да се наоѓа јужно од градот.

„Египет ќе добие директно 24 милијарди долари во две рати од вкупниот износ во почетната инвестиција од 35 милијарди долари. Во меѓувреме, ОАЕ ќесе откажи од своите 11 милијарди долари од странски депозити во Централната банка на Египет. Тој чекор ќе го намали надворешниот долг на државата“, заклучил Мадбули.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ