
Второ масовно убиство во Србија: Осум мртви, 13 повредени во пукање кај Младеновац
Најмалку осум лица загинаа, а 13 се ранети кога напаѓач пукал во нив со автоматско оружје во селото Дубона во близина на Младеновац, на околу 60 километри од Белград.
Напаѓачот е во бегство, а по него трагаат околу 600 полицајци, како и хеликоптерската единица на МВР и антитерористичката единица.
Осомничен за нападот е 21-годишниот Урош Б. Првично медиумите јавија дека почнала расправија во училиштен двор од каде момчето заминало и се вратило со автоматско оружје со кое почнало да пука. Медиумите веќе објавија и фотографија од осомничениот.
Од Дубона тој со возило „мерцедес“ избегал, но продолжил да пука.
Неофицијално, пукал на три локации, меѓу кои и во Мало Орашје, во близина на Смедерево.
Според медиумските извештаи, напаѓачот пука и кон полицијата, а во моментов се наоѓа во селото Шепшин кое е под опасада од полицијата.
Телевизијата Н1 јавува дека тој преговара со полицијата и не сака да се предаде, а неофицијално постојат и сомнежи дека има заложници.