Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој со премиерката Ана Брнабиќ и членови на владата се на средба со Србите од Косово во Рашка, констатираше пет заклучоци кои ќе бидат предложени до Владата, да постапи според нив, јави дописникот на МИА од Белград.
– Ќе и предложиме на Владата да донесе заклучоци – а тоа е да се бара итна реакција на ЕУ и другите меѓународни институции во светот за властите во Приштина веднаш да прекинат со прекршувањето на договорот за регистарски таблички и да дозволат непречено движење на Србите кои користат легитимни таблички на Република Србија, барањето за итно формирање на ЗСО во согласност со четирите договори постигнати во дијалогот, барањето за повлекување на специјалните единици на Приштина од север, потоа изборите на северно Косово да се одржат по формирањето на ЗСО и економската поддршка за Србите од Косово, изјави Вучиќ.
Премиерката Брнабиќ рече дека и е важно што е таму и тоа што министрите се таму „покажува колку се грижат сите во Владата за Србите на Косово“.
– Заедно со министрите ќе постапиме по заклучоците. Сметајте на Владата на Србија, како и на претседателот, бидејќи ќе направиме се што ви треба за да видите дека сме тука за вас во секое време, рече Брнабиќ во краткото обраќање пред крајот на средбата во Рашка.