Започна акција за чистење на градскиот дел од коритото на реката Црн Дрим од реси

Од АД ЕСМ, преку Подружницата ХЕС „Црн Дрим“, и оваа година традиционално започнаа со акција за косење на ресите во градскиот дел на реката Црн Дрим.

Од компанијата потенцираат дека иако, за нив ова не претставува законска обврска, водени од желбата за зачувување на автентичната убавина на Струга и чистата животна средина, веќе со години наназад целосно ја организираат и реализираат оваа акција.

Информираат дека била спроведена тендерска постапка за изборот на специјализирана компанија за чистење на речното корито, по што активностите на терен официјално започнаа денес, а предвидено е комплетно да завршат најдоцна до петок, 3 јули 2026 година.

– Оваа динамика е целосно усогласена со досегашните позитивни практики. Имено, крајот на месец јуни е оптималниот период за ваков зафат, со што трајно се спречува пребрзото израснување на ресите во текот на претстојната ударна летна сезона. Грижата за реката продолжува и понатаму, па така, на крајот на октомври ХЕС „Црн Дрим“ ќе изврши уште едно, второ косење, со цел речното корито да биде чисто, уредено и подготвено за големиот верски празник Водици, потенцираат од АД ЕСМ.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ