Украинскиот претседател Володимир Зеленски престојуваше во јужниот регион Херсон, ја посети локалната инфраструктура и вети дека ќе „обнови сè“ по руската инвазија.
Посетата на регионот каде Украина спроведе успешна контраофанзива против руските окупаторски сили на крајот на минатата година беше второ заминување на Зеленски од Киев оваа недела. Вчера тој ја посети армијата во близина на источниот борбен фронт во градот Бахмут.
– Разговарав со локалните жители за нивните моментални проблеми и потреби, напиша Зеленски на Телеграм под фотографиите од неговата посета на Херсон.
– Ќе обновиме сè, ќе изградиме сè одново. Како и со секој град и село што настрада поради окупаторот, додаде тој.
Украинската контраофанзива минатата година ја потисна руската армија од регионалниот центар Херсон по неколкумесечна окупација. Работниците сега се зафатени со обновување на снабдувањето со електрична енергија и вода.
– Мораме да се погрижиме за целосно обновување и заштита на нашиот енергетски сектор, напиша Зеленски во посебна објава во која може да се види дека е во посета на енергетската инфраструктура.
– Благодарен сум на сите што работат на ова и ја враќаат светлината на нашиот народ, нагласи тој.