Бразил: Рации и апсења на членови на група која планирала атентати и киднапирања на владини функционери

Бразилската полиција изврши рација во неколку сојузни држави за да разбие криминална група обвинета за планирање атентати и киднапирање на државни функционери, вклучително и сенатор кој, како поранешен судија, го водеше најпознатиот случај за корупција.

Околу 120 полицајци претресоа 24 локации и уапсија 11 лица во четири држави, соопштија властите. Полицијата наведе дека меѓу целите на криминалната група бил и сенаторот Сержо Моро, кој како судија од 2014 до 2018 година водеше познат случај на поткуп и перење пари, што доведе до апсење на истакнати политичари.

Меѓу уапсените политичари беше и актуелниот шеф на државата, тогашен опозиционер Лула да Силва, кој помина повеќе од една година во затвор. Во 2019 година, Моро стана министер за правда во владата на претседателот Жаир Болсонаро, но поднесе оставка во април 2020 година. Минатата година стана сенатор.

Моро на Твитер објави дека бил цел на една од најозлогласените бразилски банди за шверц на дрога, која сакала да му се одмазди.

Полицијата почна да ја истражува бандата минатата година, откако дозна дека планира да киднапира владини службеници, со цел да ги размени за нејзиниот водач Марко Вилијан Камачо, кој отслужува затворска казна.  (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ