Како што соопшти ФБК, организацијата основана од покојниот руски опозициски политичар Алексеј Навални, истражувачите пронашле решение во „Службен гласник“ на Србија од јули 2025 година со кое државјанство се доделува на лице наведено како Али Рамзанович Мусаев.
Според сознанијата на ФБК, тоа лице е всушност синот на Рамзан Кадиров, кој презимето „Мусаев“ го користи при патувања во странство.
Решението, како што се наведува, е потпишано на 10 јули 2025 година од српскиот премиер Ѓуро Мацут, а следниот ден е објавено во „Службен гласник“ на Република Србија.
Во документот се наведува дека Али Рамзанович Мусаев е роден на 14 декември 2006 година во чеченското село Центорој, познато како родно место на семејството Кадиров. Истражувачите утврдиле дека името, името на таткото, датумот и местото на раѓање целосно се совпаѓаат со податоците на Али Кадиров, а различно е само презимето.
Според ФБК, државјанството е доделено преку посебна постапка која овозможува натурализација на странски државјани кога тоа се смета за интерес на државата. Причините за ваквата одлука не се познати.
Истражувачите тврдат и дека Али Кадиров со години користел документи со презимето „Мусаев“ за патувања надвор од Русија и дека откриле записи за повеќе од 100 негови меѓународни летови, најголем дел до Дубаи, главно со приватни авиони.
Според ФБК, истото презиме го користат и други членови на семејството на чеченскиот лидер – меѓу нив сопругата Медни, синовите Адам и Ахмат и ќерката Табарик – што, како што наведуваат, им овозможува да патуваат под идентитети што не се јавно поврзани со Рамзан Кадиров.
Следејќи ги патувањата на Али Кадиров, истражувачите идентификувале и уште еден приватен авион поврзан со семејството – од типот Bombardier Global 6000, чија вредност според проценките на ФБК изнесува приближно 2,5 милијарди рубљи. До август 2025 година авионот имал европска регистрација, по што таа била променета во руска, а според податоците се користи за летови од Грозни до Дубаи, Малдивите и Анталија.
Од ФБК наведуваат дека авионот бил купен од европски сопственик и најавија истрага за околностите на набавката, особено дали притоа биле почитувани меѓународните санкции.
Со српското државјанство, на Али Кадиров му се овозможува безвизен краток престој во Шенген-зоната под истите услови што важат за сите српски државјани, односно до 90 дена во период од 180 дена. Ова е значајно во контекст на заострените услови за влез на руски државјани во неколку европски земји по руската инвазија врз Украина.
Според претходно истражување на рускиот медиум Vazhnye Istorii и српската истражувачка мрежа KRIK, Србија од 2022 година наваму преку посебна постапка им доделила државјанство на 204 руски државјани, меѓу кои и лица поврзани со Рамзан Кадиров, рускиот воено-индустриски сектор, државните претпријатија и најтесниот круг соработници на претседателот Владимир Путин.
ФБК наведува дека српски пасоши добиле и членови на семејството на Николај Колесов, поврзан со рускиот воено-индустриски сектор, како и поранешниот ММА борец Фјодор Емелјаненко, член на партијата „Единствена Русија“.
Од ФБК најавија дека ќе поднесат барање до српските власти за одземање на државјанството доделено под името Али Мусаев и повикаа на истрага за други случаи на доделување српски пасоши преку посебни процедури. Организацијата има намера своите наоди да ги достави и до институциите на Европската Унија.
Засега нема потврда дека српските власти започнале преиспитување на државјанството доделено на Али Мусаев.





