Возачите во Словенија од денеска плаќаат помалку за бензин и дизел, откако стапија во сила новите регулирани цени на горивата. Намалените цени ќе важат до 30 ноември, но се однесуваат на бензинските станици надвор од автопатите и брзите патишта.
Според податоците на словенечкото Министерство за инфраструктура и енергетика, литар 95-октански бензин сега може да чини најмногу 1,413 евра, што е намалување од претходните 1,444 евра.
Со новата цена, полнењето резервоар од 50 литри бензин чини 70,65 евра, односно 1,55 евро помалку во споредба со претходната недела.
Намалување има и кај дизелот. Литар стандардно дизел-гориво сега чини најмногу 1,738 евра, наместо досегашните 1,798 евра. За резервоар од 50 литри возачите ќе издвојат 86,90 евра, што е за три евра помалку.
Пониска е и максималната цена на маслото за греење, која од 1,421 евро се намали на 1,361 евро за литар. За количина од 1.000 литри тоа изнесува 1.361 евро, без пресметан трошок за превоз.
Новите максимални цени ќе важат до 30 ноември.





