Хрватскиот шеф на дипломатијата Грлиќ Радман на средба со српскиот колега Дачиќ

Хрватскиот шеф на дипломатијата Гордан Грлиќ Радман денеска е во посета на Хрватската куќа во Суботица и хрватската заедница на северот на Војводина и порача дека неговото доаѓање е можност да се разговара со претставниците на Србија за добрососедските односи меѓу двете земји.

По посетата на Хрватскиот национален совет, министерот Грлиќ Радман ќе разговара со српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Во пресрет на таа средба тој изјави дека ќе разговараат „со добра волја, во интерес на Србија и Хрватска, на двата народа“. „Во интерес на добрососедските односи, бидејќи мора да се разговара“, додаде Грлиќ Радман.

Тој посочи дека има одредени отворени прашања кои се последица на Татковинската војна.

„Иако поминаа повеќе од 30 години, раните се уште се свежи. Пред се, станува збор за 1.816 исчезнати и киднапирани лица во Хрватска“, рече тој.

Грлиќ Радман истакна дека отворените прашања, доколку не се решат, „ќе ги оптоварат идните генерации и односите меѓу двете земји“.

Тој заклучи дека Хрватската куќа, чија изградба ја финансираше Хрватска, е пример дека Хрватите во Србија имаат силна поддршка од својата татковина.

Министерот Грлиќ Радман по средбата со колегата Ивица Дачиќ ќе го посети седиштето на Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ